Владата ќе одлучува за олабавување на рестриктивните мерки
Полициски час од полноќ до 5 изутрина, работа на угостителските објекти во отворените делови до 23:30 часот и отпочнување со работа на вежбалните, фитнес центрите и теретаните, се дел од олабавените рестриктивни мерки што Главниот координативен кризен штаб ѝ ги препорача на Владата...

Полициски час од полноќ до 5 изутрина, работа на угостителските објекти во отворените делови до 23:30 часот и отпочнување со работа на вежбалните, фитнес центрите и теретаните, се дел од олабавените рестриктивни мерки што Главниот координативен кризен штаб ѝ ги препорача на Владата, која треба да донесе одлука на денешната седница.
Новите мерки би важеле од 12-ти до 18-ти мај, а се донесени на предлог на Комисијата за заразни болести врз основа на епидемиолошката состојба, намалувањето на бројот на хоспитализирани и бројот на заразени лица.
Според новите мерки што се предлагаат, полицискиот час ќе трае од 24 до 5 часот и се дозволува користење на годишен одмор за здравствените работници. Настаните ќе се одржуваат согласно наменските протоколи, со исполнетост до 30 проценти од капацитетот на затворениот простор, а се зголемува и бројот на деца кои може да се згрижат во една група во градинките, односно од 15 на 20 деца.
Вчера министерот Венко Филипче истакна дека сѐ уште е рано за да се даде општа препорака за маските да не се носат на отворено.
Сè уште е рано да кажеме кога би било тоа, да се носат маските како претходно, односно само во група надвор. Засега е рано. Тоа ќе биде следно за што ќе разговаравме. Инициравме дискусија и заклучокот е дека треба да почекаме уште недела или две, рече Филипче.
Според него, засега е рано и да се организираат свадби и концерти.
