Ковид-19

Се зголемува интересот за имунизација- граѓаните да се пријавуваат на „vakcinacija.mk“

11.05.2021 09:28

Според здравствените власти, вакцинацијата се одвива добро, вакцинирани се околу 110 илјади граѓани од кои 23 илјади се ревакцинирани, а сега се вакцинираат 170 илјади граѓани кои се пријавиле на „vakcinacija.mk“ до 30 април.

Граѓаните да се пријавуваат на веб страницата „vakcinacija.mk“, заради тоа што тоа е најпрактичниот механизам и начин да се стигне до соодветен термин за вакцина против Ковид-19- апел од министерот за здравство, Филипче.

Според здравствените власти, вакцинацијата се одвива добро, вакцинирани се околу 110 илјади граѓани од кои 23 илјади се ревакцинирани, а сега се вакцинираат 170 илјади граѓани кои се пријавиле на „vakcinacija.mk“ до 30 април.

Оние 170 илјади граѓани кои се во прва група до направениот пресек на 30 април, се тие кои сега се вакцинираат, дополнително се пријавени околу 130 илјади граѓани. Од вкупниот број на граѓани кои се пријавени до 30 април, сите веќе добиле или ќе добијат термин до 15 мај. Граѓаните го следат апелот за пријавување на сајтот, а доколку нема нова мутација на вирусот, колективниот имунитет сигурно ќе го стекнеме до крајот на летото, смета министерот за здравство, Венко Филипче.

Оваа недела се очекува да пристигнат околу 10 илјади вакцини на „Фајзер“, по тек на договорот и систем за солидарност на Европската Унија. Според најавите се очекува и донацијата од кинеската армија да пристигне на 15 мај, за време на викендот, и согласно сите тие најави ќе се подготви распоредот за делење на вакцини ширум пунктовите.

Според вчера објавените податоци на Институтот за јавно здравје, регистрирани се нови 25 случаи со Ковид-19, 16 починати и 408 оздравени пациенти. Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 154.051, бројот на оздравени пациенти е 138.370, на починати е 5.109, а на активни случаи изнесува 10.572 од кои 4.906 се во Скопје.

На инфективните одделенија во државава се лекуваат 748 пациенти со Ковид-19 од кои 319 се во Скопје.