Колку се важни прегратките за нашето здравје и како делуваат тие на нашето тело и ум?

11.05.2021 12:12

Прегратките се бесплатен лек кој го подобрува здравјето.Еве колку прегратки дневно ни се потребни-4 за опстанок, 8 за нормален живот, а 12 за личен раст. Помагаат за искрена и подобра комуникација, градат меѓусебна доверба и самодоверба, поттикнуваат чувства на топлина, сигурност. Го поттикнуваат лачењето на серотонинот, хормонот кој предизвикува чувство на среќа.

Во ова динамично време, полно со предизвици, кога поради пандемијата не можеме да ги искажеме чувствата со блискост. Најмногу  недостасуваат прегратките, нежноста, топлината. Да се прегне драгата личност е благородна задача корисна за себе и за другиот, да и се покаже дека  во тој момент таа личност е најважна за вас. Просечната должина на прегратката меѓу двајца луѓе трае 3 секунди, но научниците откриле дека кога прегратката трае 20 секунди има терапевтско дејство на телото и умот. Причината е што искрената прегратка поттикнува произведување хормон кој се вика окситоцин, познат како љубовен хормон. Оваа супстанца многу благотворно делува на нашето физичко и ментално здравје. Прави да се опуштиме, да се чувствуваме посигурно, се ублажуваат нашите стравови и тескоби.  Ова е бесплатно средство за смирување секогаш кога ќе прегрнеме драга личност, кога држиме дете во рацете, па дури и кога ги прегрнуваме домашните миленичиња мачка, куче.

Постојат многу научни докази за позитивното влијание на физичкиот контакт. Лачењето окситацин кој е невротрансмитер што делува на лимбичкиот систем-дел на мозокот каде што се наоѓа центарот за емоции. Тој го поттикнува задоволството, намалувајќи ги стресот и тескобите. Телото лачи окситоцин во текот на сексуалниот однос, при породување, доење, што допринесува за поврзаноста меѓу мајката и детето, и меѓу љубовните партнери. Кога некого ќе го прегрнеме хипофизата ослободува окситоцин, го намалува бројот на отчукувањата на срцето, го намалува нивото на кортизол во крвта кој е причинител на стресот, одговорен за високиот крвен притисок и болести на срцето.

Прегратката го негува трпението. Таа е еден од најлесните начини да му се покаже некому дека го цениме, го сакаме и сме му благодарни.Делува превентивно на развојот на болестите. Чувството на опуштеност и пријатност ја намалува можноста за негативни дејства врз телото. Во Институтот за истражување на допирот во Мајами (The Touch Research Institute at the University of Miami School of Medicine) направени се над 100 студии за допирот и добиле резултати дека влијае на побрз раст кај прерано родените бебиња, ја намалува болката, ги намалува симптомите на автоимуните болести, го намалува нивото на шеќерот во крвта,ја подобрува состојбата на деца со дијабетес, го јакне имунитетот кај болните од канцер.

Прегратките ја стимулираат жлездата тимус, сместена во горниот дел на градната коска под вратот. Тимусот е задолжен за забрзана делба и созревање на тимоцитите (незрели лимфоцити) во лимфоцити Т. Затоа прегратките го зголемуваат имунитетот.

Прегратките овозможуваат комуникација без зборови. Речиси 70% од комуникацијата е невербална. Интерпретацијата на говорот на телото може да биде заснована на еден гест, а прегрнувањето е одличен метод за изразување чувства кон друго суштество. Освен што другото битие прима љубов и наклоност, може да се поттикне да го шири тоа чувство и да гопренесува на други.

Прегратката ја јакне самодовербата, особено е важна за децата, бебето по допирот ги препознава родителите. Во детството допирите се сигнали дека сме сакани и посебни. Галењето од родителити останува трајно во меморијата на клетките, а кога сме возрасни допирите остануваат запамтени во нервниот систем. Така прегратката овозможува да се поврземе со сопсвената способност да се сакаме себе си. Затоа прегрнувајте ги драгите луѓе секој ден, тоа е бесплатен лек за подобро здравје.

Соња Стојановска