Непрекинато тече имунизацијата
Непрекинато тече имунизацијата во Куманово, кој е еден од шесте регионални центри за вакцинација. Во овој пункт се имунизираат граѓаните од североисточниот регион. Досега вакцина против Ковид-19 примиле над 10.000 граѓани. Најмладиот на возраст од 18, а највозрасниот на 93 години …

69-годишниот Коце Стојчевски од Крива Паланка прими вакцина против Ковид-19, во регионалниот центар за имунизација во Куманово. Раскажа дека дошол со сопствен превоз, платил 300 денари. Но, вели тоа не е проблем, бидејќи здравјето е многу поважно.
- Немаме друг избор и начин како да се избориме против ова зло, што го нападна човештвото оваа последна година и кој размислува дека тоа е опасност еве јас се вакцинирав сега ништо не ми е, истакна тој.
И останатите граѓани кои се имунизираа во спортската сала во населбата Бедиње со апел, помладите но и повозрасните да го следат нивниот пример.
-Треба да се прима вакцина, луѓето што зборуваат не примам, секој си знае за себе, вели еден граѓанин.
-Примив, се чувствувам многу добро, одлично, дополнува друг.
Масовната имунизација во Куманово, кој е еден од шесте регионални центри, тече непрекинато. Досега вакцина против Ковид-19 примиле над 10.000 граѓани.
Во регионалниот центар во Куманово кој се наоѓа во спортската сала на средното училиште Перо Наков и денеска голем број кумановци, но и жители од останатите општини од североистокот дојдоа да примат вакцина против Ковид-19. Согласно податоците на надлежните од Здравствениот дом најмладиот пациент кој примил ваква вакцина има 18, додека највозрасниот 93 години.
Последниве денови како што посочуваат од кумановскиот Здравствен дом, се вакцинираат и помлади, но и жителите од регионот.
-Имаме интерес и од кумановско, липковско, Челопек, Липково, интересот е голем. Сега падна таа граница, вчера имавме млади по 20 години кои си имаат добиено термин и ги вакциниравме-вели д-р Снежана Јовановска, началник Здравствен дом Куманово.
Од здравствениот дом нагласуваат дека интересот за вакцинација е голем, а граѓани доаѓаат и дури без закажани термини.
-Доаѓаат на терминот што го имаат закажано на веб страницата, но има и други кои немаат термин, а сакаат да се вакцинираат. Апелирам до сите граѓани овој процес да се одвива преку закажување на термин, сите знаат или преку веб страницата или преку матичен лекар-изјави Фарук Алили, директор на Здравствен дом Куманово.
Дневно во пунктот во Куманово се имунизираат и по 1.600 лица.
Елена Георгиевска
