Македонија

Мерко не попушта, објектите на плажите во Струга нема да се рушат

12.05.2021 16:05

Додека на охридското крајбрежје се уриваат објектите на плажите, на струшкото угостителите непречно работат. Градоначалникот Мерко останува на ставот, дека плажите треба да бидат уредени за турстите и нема да ги отстранува угостителските објекти...

Додека во Охрид се уриваат објектите на плажите, во соседна Струга угостителите се подготвуваат за летната туристичка сезона. Градоначалникот Рамиз Мерко и натаму на истиот став, треба да се гради за привлекување на што повеќе туристи. Плажите треба да бидат уредени за гостите да може да уживаат во благодетите во крајбрежието, а не запуштени и преполни со отпад. Мерко тврди, струшките концесионери плаќаат редовно закупнина.

„Ние не мислиме негативно, ние секогаш размислуваме позитивино. Секогаш велам дајте да градиме туристички капацитети дека се бараат, а ние како локална самоуправа им стоиме на располагање, ние сакаме да имаме привлечен град, не само за туристи од државата туку од цел свет“, вели Рамиз Мерко, градоначалник на општина Струга.

Во однос на палењето на трската во Калишта пред туристичката сезона, струшкиот градоначалник е дециден дека нема да дозволи дивоградби на тој потег. Со одлука на совет задолжени се јавните претпријатија да ги исчистат сите јавни површини покрај брегот, но тврди градби нема да има.

„Нема шанса некој да гради во тој дел каде е јавен имот. Особено ние како локална самоуправа, еве јавно кажувам нема да дозволиме во никој случај некој да гради тврди градби во тој потег“, додава Мерко.

Разрушени плажи, без шанкови, лежалки, чадори, санитарни чворови и интернет, ќе го вратат туризмот децении наназад, велат туристичките работници. Покрај десеттината угостителски објекти, кои работат на градските плажи во Струга, во струшко Радожда има уште десеттина летни тераси, кои не се совпаѓаат со Планот за управување со Охридското Езеро и препораките на УНЕСКО.

 

Соња Рилковска