Велес добива пункт за масовна вакцинација, започнува со работа на 25-ти мај
По реакциите на велешани дека за вакцинација против Ковид-19, мора да патуваат до Кавадарци, при крајот на месецов и Велес добива пункт за масовна вакцинација. Ќе биде лоциран во спортската сала на средното училиште „Коле Неделковски“...

Две седмици велешани за да бидат вакцинирани против Ковид-19 патуваа до Кавадарци. Тие реагираа на ова, по што Владата одлучи и Велес да добие пункт за масовна вакцинација. Тој ќе биде лоциран во спортската сала на средното училиште „Коле Неделковски“ и најавено е дека треба да започне со работа на 25-ти мај.
Пунктот ќе го опреми бизнис заедницата од Велес, која на денешната средба со градоначалникот Коцевски, несебично се одзва на потребата од нивен ангажман. Пунктот ќе има 15 кабини, со по четири доктори и осум медицински сестри во една смена, а ќе работи двосменски. Во салата во тек се градежни активности.
Во пунктот во Велес ќе се вакцинираат граѓани и од соседните општини-Градско, Чашка, Лозово. Возрасната категорија граѓани се вакцинираше во Здравствениот дом Велес, каде досега вакцина примија 1.400 лица.
Петар Печков
