Заев во посета на Мадрид

Шпанија со поддршка за членството на Македонија во Европската унија

12.05.2021 16:45

Мадрид со поддршка за европскиот пат на земјава. Шпанскиот бизнис заинтересиран за инвестиции во Македонија. Поволностите за инвеститорите претставени од премиерот Заев. Нема да го заборавиме шпанскиот Сенат и гласањето за македонско членство во НАТО, рекол Заев на саредбата со спикерката Куенка...

Шпанија постојано ни дава поддршка на евроатланскиот пат, особено сега во процесот на пристапување во членство во ЕУ, затоа ја изразувам благодарноста на владата и на народот на мојата земја, потенцирал премиерот Заев на средбата со претседателката на Сенатот на Кралството Шпанија, Марија Пилар Љоп Куенка.

„Граѓаните на Северна Македонија се особено благодарни и вечно ќе го паметат гестот што го направи шпанскиот Сенат кога овозможи електронско гласање на протоколот за ратификација на членството на Северна Македонија во НАТО, и тоа во исклучително драматични моменти на почетокот на пандемијата“, истакнал премиерот Заев на средбата со Куенка , додавајќи дека  тоа било охрабрување и за евроинтеграцискиот процес и за силната посветеност на земјата за негување и афирмација на европските вредностите и на реформи според европските стандарди, особено во сферата на владеењето на правото и борбата против корупцијата.

Куенка посочила дека преку Договорот од Преспа и преку севкупната домашна и меѓународна политика, земјава е пример за моќта и важноста на дијалогот.

Претходно, премиерот Заев се сретна и со претседателот на Конфедерацијата на бизнис организации, Гараменди, на која ја преставил економската програма за финансиска поддршка за директни странски инвестиции. Премиерот ги претставил сите даночни, царински поволности и другите олеснувања за странските компании, додавајќи дека земјава како крстопат на Западен Балкан и на Југоисточна Европа, претставува средина кој натаму нуди развој и бизнис проширување за други пазари.

Според Гараменди, една од главните причини за интересот на бизнисмените од оваа конфедерација се должи на стабилната и предвидлива економска ситуација.

„Конфедерацијата ќе даде сериозен придонес Северна Македонија да биде ставена на мапата за инвестиции на шпанските компании кои, во најголем дел покажуваат интерес за инвестиции во сферата на инфраструктурата, обновливите извори на енергија и менаџментот со води“, посочил Гараменди.

Двете земји прават сериозни напори за заздравување и мобилност на економијата по големите ограничувања наметнати од глобалната здравствена криза.

 

Фиљана Кока