Сијарто: Македонија одамна требаше да ги почне преговорите со ЕУ, таму е вашето место
Македонија одамна требаше да ги почне преговорите со Унијата, таму е вашето место- порача унгарскиот министер за надворешни Сијатро по средбата со шефот на дипломатијата Османи во Скопје. Треба да се искористи отворениот прозорец на Унијата. Од Унгарија, донација од 6.000 вакцини за македонската Гранична полиција...

Унагарија досега илјада пати има кажано, но еве со задоволство ќе повторам, ние сме безусловен поддржувач на европските интеграции на Македонија, порача од Скопје шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто. По средбата со македонскиот колега Бујар Османи, Сијарто со јасен став, Македонија не денеска, туку уште вчера требаше да ги почне преговорите за членство во Унијата, бидејќи таму е вашето место.
„Вашето место е во Европската унија и таа не може да биде комплетна без државите од Западен Балкан, а вашето зачленување не е само во ваш интерес, туку и во интерес на Унијата. Во наредниот период ќе направиме сѐ со цел побрзо да станете членка на Унијата. Се надевам дека сите земји- членки ќе го имаат предвид интересот на Унијата. Ако зависи од нас, вие за многу бргу ќе станете членка“, изјави шефот на унгарската дипломатија, Сијарто.
Да го искористиме отворениот прозорец на можности и на јунскиот самит да се урне имагинарниот ѕид што се испречи меѓу земјава и Унијата, став на Османи. Тој се надева дека постои можност да се влезе во суштински разговори со техничката влада во Бугарија, но повторува- за идентитетските прашања нема да се преговара.
„Идната недела очекувам да има една поголема дипломатска активност за да може да се дојде до решение што би овозможило да се одржи првата меѓувладина конференција во јуни. Ќе повторам, овој имагинарен ѕид кој се појави, го става на тест кредибилитетот на Европската унија, тоа го знаат и земјите- членки, го знае и Бугарија“, нагласи министерот Османи.
Освен за поддршката за европската интеграција, Османи се заблагодари и за унгарската помош.
Главен повод за посетата на шефот на унгарската дипломатија е донацијата од 6.000 вакцини „Астра Зенека“ од унгарската влада за македонската полиција. Поконретно, вакцините се наменети за имунизација на македонската Гранична полиција.
Марија Котовска
