Продолжуваат блокадите на Законот за државјанство
Левица продолжува да го блокира носењето на Законот за државјанство. За Алијанса на Албанците и Алтернатива ова е обид за негирање на правата на одредени жители, бараат да се најде решение. За ВМРО-ДПМНЕ мора да се почитува Европската конвенција и законите за времетраење на престојот. Од СДСМ со став- амандманите се во насока државјанство да добијат жители кои се овде родени...

„Обидите на опозициските партии да го блокираат Законот за државјанство се класичен обид за негирање на правата на жителите кои долго време се обесправени и не можат да си ги остварат своите елементарни граѓански права“, велат од Алијансата за Албанците и од Алтернатива. Оттаму со повик конечно да се најде решение за овој проблем.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека немаат ништо против да се регулира државјанскиот статус на оние кои се родени во земјава, но мора да се почитувааат Европската конвенција за државјанство и законите кои важат во ЕУ за времетраењето на престојот во некоја земја пред лицето да се стекне со ваков статус. Недозволиво е според партијата, без јавна дебата и без вклученост на сручната и научната јавност и без позитивно мислење од Владата, да се туркаат насила амандмани кои го менуваат целиот концепт и можат да нанесат штета на безбедноста на земјава.
Од владејачката СДСМ, велат дека амадманите кои ги предлагаат Алијанса и Алтернатива се усогласени на ниво на Влада и се во насока на доделување државјанство на жители во државата кои овде се родени, а не можат да ги уживаат сите права кои им следуваат според Уставот и законите.
Од Левица, пак, посочија дека и натаму ќе го блокираат донесувањето на Закон за државјанство со долги говори во Комисијата за да се спречат амандмани кои според нив се неуставни.
Игор Панов
