Ковид-19

Филипче: После 15-ти јуни можно дополнително олабавување на мерките

03.06.2021 15:21

По подолго време, без нови хоспитализации на скопските клиники. Здравствените власти велат- ако позитивните трендови продолжат ќе има дополнително олабавување на рестриктивените мерки во делот на полицискиот час и организацијата на настани. Министерот Филипче информираше дека за седум дена се очекува пратката со 500.000 вакцини од кинески „Синовак“...

Целосно укинување на полицискиот час и промена на протоколите за одржување на настани, по 15-ти јуни можно е да има ново олабавување на рестриктивните мерки. По подолго време, во скопските ковид- центри не е хоспитализиран ниту еден пациент, па доколку продолжи овој тренд, министерот за здравство Филипче вели оти е можно, мерките значително да бидат олеснати.

„Следниот состанок на Комисијата за заразни болести ќе биде пред 15-ти јуни, а до тогаш ќе работиме со организаторите на разни настани и концерти за тоа што се планира да се организира во текот на летните месеци да се донесат соодветните протоколи. Тоа значи дека, доколку продолжат овие бројки, овие трендови, после 15-ти јуни може да се очекува дополнителни олеснувања на рестриктивните мерки. Тука мислам на две работи, прво полицискиот час и второ овие препораки за организација на другите настани“, изјави министерот Филипче.

Угостителите и музичарите се сретнаа со претставници на Пазарниот инспекторат. Велат, протоколот има членови кои се нејасни и тешко остварливи.

„Во моментов спорна е точката број 7 каде што треба ние да ги пријавуваме свадбите во надлежна комора, а ниту една комора со закон не е обврзана ние да ги пријавуваме нашите свадби. Имаме обврска да имаме бендови кои се лиценцирани, а лиценца се уште не постои за тоа, така да претпоставуваме дека се работи за музичари кои што ќе бидат регистрирани во ЗЕУМ“, вели Перица Голомеиќ, угостител.

„Утре излегуваат на протест дел од музичарите на коишто не им е дозволено да свират по мали локали. Меѓутоа, наше мислење беше дека нема потреба од такво нешто бидејќи од 15-ти јуни е најавено дека сѐ ќе се отвори комплетно и дека нема да има полициски час“, вели Горјан Стојановски- музичар.

Во наредните седум дена можно е да стигнат нарачаните 500 илјади кинески вакцини „Синовак“. На вакциналните пунктови се трошат последните количини од 10 илјади дози на вакцината „Фајзер“. Здравствените власти се надеваат дека до крајот на јуни сликата целосно ќе се смени, до кога се очекува да бидат имунизирани околу 180 илјади граѓани кои сега чекаат термин за да бидат боцнати.

 

Андријана Атанасовска