Сѐ помалку заразени со Ковид-19, расте бројот на вакцинирани
Во државата вкупно се аплицирани 362.710 дози вакцини, а ревакцинирани се 121.342 граѓани. Според Министерството за здравство, со последните бројки 47 отсто од населението над 70 години и 41 отсто од населението над 65 години имаат примено барем една доза вакцина...

Бројките на новозаразени стивнуваат, а бројот на вакцинирани граѓани против Ковид-19 се зголемува. На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вкупно се вакцинирани 241.368 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 362.710 дози вакцини, а ревакцинирани се 121.342 граѓани. Според Министерството за здравство, со последните бројки 47 отсто од населението над 70 години и 41 отсто од населението над 65 години имаат примено барем една доза вакцина.
Од вчера започна и вакцинацијата на сите хронично болни пациенти и со ризик од Ковид- 19, на возраст од 20 до 40 години, кои се пријавиле за вакцинација до 30-ти април. Заклучно со утре треба да се вакцинираат лицата во ризик во кои се опфатени повеќе од 40 дијагнози или повеќе од 10 групи на дијагнози кои беа одредени како ризични од страна на Универзитетските клиники и граѓанските здруженија, како кардиоваскулаторни, респираторни, бубрежни, ендокринолошки, малигни, невролошки и останати заболувања и состојби.
Министерот за здравство, Филипче вчера најави дека во следните седум дена може да очекуваме да стигне пратката со 500 илјади вакцини на кинескиот производител „Синовак“, со кои се очекува значајно забрзување на процесот на вакцинација. Се очекуваат донации на вакцини и од Грција и Бугарија.
По подолго време во ковид центрите во Скопје вчера немаше нови хоспитализирани пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 141 од кои 58 во Скопје и има околу 430 празни болнички кревети во ковид центрите.
Вчера се регистрирани 12 нови случаи на Ковид-19 од направени 2.456 тестирања, починаа шест лица на возраст од 52 до 83 години. Регистрирани се и 26 оздравени пациенти. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.364, бројката на оздравени пациенти е 148.872, на починати е 5.435, а бројот на активни случаи изнесува 1.057.
Министерот Филипче порача дека после 15-ти јуни може да се очекуваат дополнителни олеснувања на рестриктивните мерки ако остане иста состојбата со Ковид-19, пред сѐ на полицискиот час и на препораките за организација на другите настани.
