Во подготовка е нов закон за легализација на бесправно изградените објекти
Министерството за транспорт и врски подготвува целосно нов Закон за легализација на бесправно изградените објекти. На маса се предлозите и забелешките на сите засегнати страни и новото законско решение ќе го заштити јавниот интерес и интересот на граѓаните, вели министерот Бочварски. Законот беше повлечен од Собранието, откако претседателот Стево Пендаровски одби да го потпише.

Комплетно нов Закон за легализација на бесправно изградените објекти се подготвува во Министерството за транспорт и врски. Законот ќе понуди решение за бесправно изградените станбени објекти, изјави министерот Бочварски и целосно ќе се забрани градење во заштитените подрачја. Нацрт верзијата ќе биде готова за околу две недели.
Претходниот закон кој во Собранието доби поддршка од 72 пратеници, наиде на неодобрување кај јавноста, а не доби поддршка ниту од претседателот Стево Пендаровски.
Текстот на новиот закон се изработува во соработка со Асоцијацијата на архитекти, здруженијата за животна средина, граѓанскиот сектор и Заедницата на единиците на локалната самоуправа.
Славица Величковска
