Ковид-19

Намален опфатот на имунизација, се трошат последните дози вакцини

08.06.2021 12:59

Намален опфатот на имунизација. Дневно со прва доза се вакцинираат само околу 1.700 граѓани. Надлежните очекуваат темпото на вакцинација да се забрза откако ќе пристигнат половина милион дози „Синовак“. Во моментов се потпираме само на дозите од „Фајзер“, кои пристигнуваат секој понеделник...

Земјава ги ситни последните колични вакцини. Во моментов се потпираме само на дозите од „Фајзер“, околу 10 илјади, кои пристигнуваат секој понеделник. Последните податоци на Министерството за здравство покажуваат дека дневно со прва доза се имунизираат само околу 1.700 граѓани. Иако вакцинацијата споро се одвива, надлежните уверуваат дека нема да запре.

„Веќе од денеска има зголемување на термините согласно новите количини на вакцини, кои стигнаа во нашата земја. Во моментов има некаде околу 10.000 вакцини за прва доза, што ќе бидат искористени во текот на неделава“, велат од Министерството за здравство.

Пред најголемиот пункт за имунизација „Борис Трајковски“ нема метеж. Најголемиот дел од граѓаните кои ги анкетиравме дојдоа да примат втора доза вакцина.

Темпото на имунизација се очекува да забрза кога ќе стигнат 500 илјади кинески вакцини „Синовак“. Најавено е дека ќе има донација на вакцини од соседните земји и 30 илјади дози од Турција.

Околу 180 илјади граѓани во моментов чекаат термин за да бидат боцнати со прва доза. Откако ќе заврши нивната имунизација, здравствените власти велат- секој ќе може да се вакцинира без закажување.

Досета во земјава се аплицирани околу 400 илјади вакцини. Ревакцинирани се повеќе од 150 илјади граѓани.

 

Андријана Атанасовска