Евроинтеграции

Јуни е критичен месец за Западен Балкан

10.06.2021 16:08

Земјите од Западен Балкан на самит во Тирана со комесарот за проширување Вархеји. Економско- инвестицискиот план на Унијата ќе донесе закрепнување и ќе ги забрза интеграциските процеси и соработката во регионот...

„Oваа година може да биде година на Западен Балкан, но сите мора да го дадат својот придонес, јуни е критичен месец“- порака од еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји до лидерите на земјите од Западен Балкан. На самитот во Tирана го прашаа и за надминувањето на недоразбирањата меѓу Скопје и Софија, на што тој одговори дека Европската комисија работи напорно и дека во оваа фаза се води тивка дипломатија.

Економскиот и инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан го поддржува долгорочното економско закрепнување на регионот. Неговата имплементацијата ќе ја стимулира економската активност, ќе ги зголеми инвестициите, ќе ги зајакне конкурентноста и иновациите, порача премиерот Заев во своето обраќање на самитот во Тирана.

„Нашата волја е поттикнување на развојот на капацитетите со обновлива енергија и премин од јаглен кон обновливи енергенси, зголемување на енергетската ефикасност, намалување на емисиите на стакленички гасови и подобрување на инфраструктурата за управување со отпадни води. За време на овие предизвикувачки периоди, сите земји од регионот работат заедно во воспоставувањето на заедничкиот регионален пазар“, нагласи премиерот Заев.

Албанскиот премиер Рама изјави дека има конкретни планови. Според него Европската унија го исполнила својот дел, а сега останува на лидерите да ги исполнат задачите. 

Покрај македонскиот премиер на самитот учествуваат претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, премиерот на Косово, Албин Курти, на Србија, Ана Брнабиќ, на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија.

Викторија Милевска