Куманово

Матурантите чекаат зелено светло за прославите

10.06.2021 16:39

Матуратите чекаат надлежните да донесат нови мерки со кои ќе им се овозможат генерациски прослави. Се подготвуваат, преговараат со угостителските објекти, но олабавувањата засега се ограничувачки, без музика, со максимум 100 гости. Дел од учениците во договор со класните раководители организираат и симболични прослави. Од училиштата пак велат ние не стоиме зад такви забави и нема да присуствуваме.

Ќе останат ли матурантите и годинава без забава и групна фотографија. Се уште е непознато дали ќе се одржат матурските прослави. Учениците кои завршуваат средно училиште вообичаено организираат генерациска прослава, со која ги заокружуваат средношколските денови. Лани поради пандемијата прославите беа забранети. Годинава мерките се олабавени, но ограничувачки, без музика, со максимум 100 гости. Матурантите кои што ги прашавме велат ги чекаме новите одлуки на надлежните. Преговараат со угостителските објекти, па доколку дозволи епидемиолошката состојба на крајот на месецов и ќе прослават.

„Размислуваме за славење на матура, бидејќи нашата генерација не беше ниту на екскурзија и би ни било мило да прославиме со протоколи, мерки, колку да се одбележи“, вели Сара Колевска, матурантка СОУ гимназија „Гоце Делчев“ .

„Луѓето сакаат да видат прослави, своите внучиња да ги видат на фотографии, весели завршиле средно училиште, но здравјето е пред се првин да видиме што ќе се случи па ако се овозможи ќе прославиме“,  посочи Филип Трајковски, матурант СОУ гимназија „Гоце Делчев“ Куманово.

 Дел од матурантите веќе се одлучиле и за алтернативно и симболично одбележување. Но, од училиштата нагласуваат дека организирани прослави ќе нема.

„Знаеме дека прават некоја организација во рамките на она што е дозволено во услови на пандемија за рестораните и кафеаните, ние како училиште не стоиме зад такви работи и нема да присуствуваме на забавите што ги организираат приватно матурантите“, изјави Драган Јаневски, директор техничко училиште „Наце Буѓони“.

И од Секторот за образование при Општина Куманово нагласуваат дека пандемијата ги спречи матурски прослави.

„Сега од 1-ви јуни откако се олабавени мерките за прославите, класните раководители интерно, во договор со своите ученици од класовите си организираат симболична прослава“, вели Александар Јовановиќ, раководител Сектор за образование.

 Во Куманово средно образование годинава завршуваат 1.229 ученици.

 

 

Елена Георгиевска