Заев и Рама потпишаа договор за заеднички гранични и царински контроли

10.06.2021 18:31

На маргините на Самитот двајцата шефови на влади го потпишаа Договорот за воспоставување заеднички гранични и царински контроли на граничните премини меѓу Република Албанија и Република Северна Македонија.

Премиерот Зоран Заев денеска во Тирана учествуваше на Самитот на земјите од Западен Балкан чиј домаќин беше премиерот на Албанија, Еди Рама. На маргините на Самитот двајцата шефови на влади го потпишаа Договорот за воспоставување заеднички гранични и царински контроли на граничните премини меѓу Република Албанија и Република Северна Македонија.

Заев истакна дека Договорот е уште еден чекор во градењето на одличните односи помеѓу Северна Македонија и Албанија кои како добри пријатели и соседи го имаат како приоритет олеснувањето на меѓуграничниот проток во интерес на граѓаните и на деловните заедници на двете земји.

„Навистина е задоволството кога двајца многу добри пријатели коишто водат извршна власт на две одлични земји по своето пријателство ќе направат чекор кон збогатување и усовршување на тоа пријателство. Со потпишувањето на денешниот договор завршуваме еден сериозен процес на којшто работеа нашите Влади за да го отвориме „one stop shop“ терминалот каде што нашите граѓани ќе го преполоват своето чекање во делот на поминувањето на нашите граници, но пред сѐ и над сѐ, ќе се создадат услови за остварување на четирите европски слободи за слободен проток на стока, луѓе, капитал на услуги“, рече премиерот Заев во своето обраќање по потпишувањето на договорот.

Премиерот на Република Албанија, Еди Рама од своја страна потенцираше дека овој договор значително ќе го олесни движењето меѓу граѓаните на двете држави.

„Сакам и јавно да му се заблагодарам од сè срце на Премиерот за неговиот енергичен пристап до крај и за неговата непоколеблива волја да го придвижи овој процес напред, како на билатерален аспект, така и на регионално ниво, и секако ја користам оваа прилика да му се заблагодарам за неговото доаѓање и присуство овде заедно со целиот свој тим“, рече премиерот Рама на церемонијата по повод потпишувањето на Договорот за воспоставување заеднички гранични и царински контроли на граничните премини меѓу Република Албанија и Република Северна Македонија.