Оштетен муралот на сликарот Павле Кузмановски во тетовската гимназија

11.06.2021 15:05

Муралот на тема образование на познатиот академски сликар Павле Кузмановски, насликан пред речиси шест децении на ѕидот на меѓукатот од гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово, премачкан со малтер и боја. Ликовната творба, историја на градот со која Кузмановски ја подготвувал дипломската работа, од раководството на гимназијата одлучиле да ја покријат при реконструкција на објектот, а истата како што велат, не можеле да ја зачуваат оти била оштетена од влага. Осуда за чинот пристигна од тетовските уметници.

Академскиот сликар Павле Кузмановски го затекнавме во неговото ателје. Пред него со фотографија од муралот за кој бил награден од тогашното раководство на гимназијата, кој после 55 години сегашната управа на истата образовна институција реши да го уништи.

Директорката на гимназијата Теута Лала, вели дека целата слика била оштетена од водата која течела од олуците. Немале никаква можност за реконструкција, па решиле да го премачкаат, по консултација и увид на лице место од инспектори, кои утврдиле дека делото не е од национално значење.

Делата на Кузмановски стари со децении се историја, но и идентитет на градот, велат голем дел од тетовските уметници, кои го осудија уништување на муралот.

Кузмановски не ја исклучува можноста муралот повторно да го наслика. Можеби некој кој ја почитува уметноста ќе го побара истото дело да краси некој ѕид како во тетовската гимназија, каде сега наместо уметнички белег стои бела боја.

 

Зоран Димовски