Велес

Водите на езерото Младост се епидемиолошки безбедни за освежување во текот на летото

30.06.2021 16:16

Од рекреативните центри каде велешани се освежуваат во текот на летните месеци, реката Бабуна во долен тек е епидемиолошки неисправна, Вардар е со највисока загаденост, квалитетот на водите на река Тополка не се мери, единствено во езерото Младост водата е епидемиолошки безбедна...

Водата во Езерото Младост е исправна за капење и рекреација додека реката Бабуна во нејзиниот долен тек  не е за капење, а Вардар низ Велес е во највисока категорија на загаденост,  покажуваат последните тестирања на Центарот за јавно здравје. Само водите на езерото Младост, каде преку лето доаѓаат гости не само од градот,  се епидемиолошки сигурни.

Реката Бабуна, во нејзиниот долен тек  не е дозволена за капење. Следењето на квалитетот на водите се врши на едно мерно место  викано „Прва плажа“, кај фудбалското игралиште.  Од резултатите на испитаната мостра земена во јуни, водите на река Бабуна се во трета класа по бактериолошка контаминација.  Испитување на квалитетот на водите на река Вардар  кај Велес се врши на две мерни места,  на влезот кај мостот на Башино село и на излезот  кај Долни Дуќани. 

Анализите покажуваат дека водите се во петта класа по присуство на амонијак и матност, четврта класа по бактериолошка контаминација, трета класа по присуство на фосфати и поради тоа, истите не треба да се користат за капење, рекреација и наводнување.

Од јули, Центарот за јавно здравје- Велес  почнува да го испитува квалитетот  на водите од Градскиот базен, но и од сите базени на хотелите во градот.

Петар Печков