Почна масовната имунизација со „Синовак“
Во Куманово почна масовната имунизација со кинеската вакцина „Синовак“. Овој регионален центар засега располага со 2.500 дози вакцини. Но покрај „Синовак“, граѓаните од североистокот се вакцинираат и со „Фајзер“ и „АстраЗенека“. По доставата на новата количина, пунктот започна со работа во две смени.

Почна масовната имунизација со кинеската вакцина „Синовак“. Вакциналниот пункт во Куманово располага со 2.500 вакцини. Имунизацијата велат оттаму, се спроведува непречено, а интересот секојдневно се зголемува. Очекувањата се дневно да се вакцинираат до 1.000 граѓани од североистокот.
„Голем е интересот, кај сите граѓаните што се вакцинирани не сме забележале некоја несакана реакација. Голем дел од нив поминуваат на најдобар начин. Моментално на нашиот пункт се врши и вакцинација и ревакцинација, односно се даваат и други вакцини, се аплицира и Фајзер, а за возрасните над 60 години се аплицира АстраЗенекаЕ, изјави Монализа Мемети, докторка при Здравствен дом Куманово.
Во регионалниот пункт досега се вакцинирале 19.500 граѓани од шестте општини од североистокот. По доставата на вакцините пунктот започна да работи во две смени. Граѓаните се задоволни од текот на вакцинацијата. Апелираат сите да се имунизираат што побргу.
„Се чувствувам збунето, но мора да се вакцинираме, прифативме вакцината е за спас, засега нема никаква реакција, се е во ред. Се пријавив на сајтот, пред околу еден месец“, вели еден граѓанин.
„Добро се чувствувам се е во ред, ова е прва доза“, дополнува друга кумановка.
Вакцината „Синовак“ е признаена од Светската здравствена организација. Таа се препорачува и за доилки и трудници. Последниве денови во Куманово нема евидентирано новозаболени од ковид 19. Бројката на активни случаи изнесува 22.
Елена Георгиевска
