Политика

ВМРО-ДПМНЕ со резолуција за црвените линии

02.07.2021 15:21

ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе резолуција за дефинирање на македонските црвени линии во разговорите со Бугарија. Партискиот лидер Мицкоски повика во Собранието да се стигне до национален консензус. Македонскиот јазик и идентитет се меѓународно потврдени и нема потреба од расправа – одговорија од СДСМ...

„Да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право, според коишто Македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен континуитет и свој временски континуитет“- ова се дел од неколкуте точки од резолуцијата која ВМРО- ДПМНЕ ќе ја поднесе до Собранието, а во која се дефинирани македонските позиции во преговорите со Бугарија. Документот е надпартиски и ги содржи ставовите на МАНУ, Универзитетот „Кирил и Методиј“ и МПЦ- Охридска архиепископија, вели Мицкоски. Потенцира дека европската иднина на Македонија е заглавена и закочена.

Владата требаше да научи дека е потребен консензус за националните и државните прашања. Спорот со Бугарија според лидерот на ВМРО- ДПМНЕ е последица на непознавањето на државните односи на Балканот и неразбирањето на последиците од секоја една постапка од страна на премиерот Зоран Заев.

СДСМ смета- нема потреба од резолуција. Ако Мицкоски не е сигурен во својот идентитет, во јазикот кој го зборува, нема потреба да поднесува резолуции. Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се меѓународно потврдени и признаени и нема потреба од било каква расправа за тие прашања, особено не во Македонското собрание- велат во СДСМ.

ВМРО- ДПМНЕ најави дека резолуцијата во Собранието ќе ја поднесе следната недела.

Миле Ристески