ЕУ мора да ги исполни ветувањата кон Скопје и Тирана
Европската унија мора да ги исполни ветувањата кон Скопје и Тирана- порача претседателката на Европската комисија. Фон дер Лајен со став дека во прашање е кредибилитетот. Очекува словенечкото престедателство да даде зелено светло за процедурите за двете земји. Премиерот Јанша се надева дека преговорите ќе бидат отворени во следните шест месеци ...

Претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен во излагањето пред Европскиот парламент се надева дека преговорите со Северна Македонија и Албанија ќе почнат во наредните шест месеци за време на словенечкото претседателство со унијата.
„Уверена сум дека Самитот со Западен Балкан ќе испрати важен сигнал до засегнатите земји дека тие се суштински стратешки партнери за ЕУ и се надевам дека словенечкото претседателство ќе умее да даде зелено светло за процедурите со Северна Македонија и Албанија, ова е во наш личен интерес и е прашање на кредибилитет: во ЕУ дадено ветување мора да биде исполнето ветување“, нагласи претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен.
Проширувањето е логичен одговор на геостратегиските предизвици со кои се соочува ЕУ. Затоа е потребно да заживее европската перспектива на земјите од Западен Балкан , најави словенечкиот премиер Јанез Јанша при изложувањето на словенечките приоритети во Европскиот парламент. Словенија како актуелен претседавач ќе организира лидерска средба меѓу Европската унија и земјите од Западен Балкан во октомври.
„Наша цел е да се потврди европската перспектива на државите од Западниот Балкан. Чекор напред напред во проширувањето со земјите од регионот, за да не го оставиме просторот на трети играчи. Оваа перспектива треба да биде опиплива за да може сегашната генерација да верува дека ќе се исполни додека е жива, инаку не може да биде поттик за реформите“, изјави словенечкиот премиер Јанез Јанша.
Словенија смета дека проширувањето со земјите од регионот е важно и за запирање на илегалната миграција кон ЕУ.
Ирина Гелевска
