Ковид криза

„Ковид 4“- нова бескаматна кредитна линија на располагање на компаниите

07.07.2021 12:35

Владата со нова бескаматна кредитна линија „Ковид 4“. За компаниите наменети 615 милиони денари. Дури 50 насто од кредитот може да се искористи како грант. Аплицирањето почнува од 15-ти јули. Економијата полека, но сигурно закрепнува, уверува вицепремиерот за економски прашања Битиќи. Според првиот финансиер Бесими пак, 2021-ва е година на заздравување од ковид-кризата...

Од 15-ти јули ќе почне аплицирањето за четвртата бескаматна кредитна линија што ќе се реализира преку Развојната банка. За 10-те милиони евра ќе можат да аплицираат фирми што лани имале пад од најмалку 30% од 23 шифри на дејности. Компаниите ќе можат да користат и грант компоненета до 50% што ќе зависи од бројот на вработени и висината на падот на приходите.

„Износот на кредитот ќе биде дефиниран во зависност од бројот на вработени и падот на приходите и може да изнесува од 900 до 9.000 евра.Роковите за отплата ќе се движат од 36 до 42 месеци со 12 месеци грејс период“, изјави вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

„Со оваа кредитна линија се адресираат потребите на трговските друштва од транспортниот сектор, угостителството, туризмот, ивент индустријата. Во јавниот повик се наведени 23 шифри на дејности за трговски друштва опфатени со овој јавен повик“, додаде директорот на Развојната банка, Кире Наумов.

Ќе можат да аплицираат и приватните здравствени организации и занаетчиите што плаќаат данок според реален приход. Потребните документи ќе се доставуваат исклучиво електронски до Развојната банка, со почитување на принципот прв дојден, прв услужен.

„Истотака дополнително ќе се поддржат стопанските субјекти со Гарантниот фонд кој ќе гарантира кредити до 500.000 евра на микро, мали и средни претпријатија“, рече министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Досега преку трите бескаматни кредитни линии биле пласирани 44 милиони евра со кои биле поддржани над 4.000 фирми со 37 илјади вработени.

 

Свето Николовски