Во Тетово два познати кластера, надлежните апелираат заразените да даваат точни податоци
Министерството апелира граѓаните да соработуваат со епидемиолозите, одбивањето на соработка од страна на пациентите, прави потешкотии во спроведувањето на епидемиолошките анкети, а тоа може да доведе до голем број заразени.

По зголемениот број позитивни од тестирани во Тетово, Министерството за здравство информира дека будно се следи епидемиолошката состојба во градот, каде што има два познати кластера, еден од свадба, другиот од мала семејна прослава. Но, она што загрижува е што дел од позитивните не давале точни податоци за контактите.
„Тоа што загрижува и со што се соочиле здравствените работници е што некои од ковид позитивните пациенти не давале точни податоци и информации за контакти, како би можело да се спречи создавање на кластери околу двата постоечки“, информираат од Министерството за здравство.
Министерството апелира граѓаните да соработуваат со епидемиолозите, одбивањето на соработка од страна на пациентите, прави потешкотии во спроведувањето на епидемиолошките анкети, а тоа може да доведе до голем број заразени.
Од Министерството велат дека делта сојот не е детектиран, а кај оние кај кои беше секвенциониран бразилскиот, биле позитивни од јуни. Укажуваат на важноста на вакцинацијата и посочуваат дека што поголем број вакцинирани, значи побрзо создавање колективен имунитет, а тоа е клучно да се победи ковид пандемијата.
