Со португалскиот предлог, Словенија ќе продолжи да посредува меѓу Македонија и Бугарија
Зедничка седница на Комисијата за европски прашања и на Националниот совет за евроинтеграции. Презентирани програмата и приоритетите на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ. Словенија со португалскиот предлог ќе продолжи да посредува за изнаоѓање решение за отстранување на блокадата за почетокот на преговори, најави амбасадорот Предан...

Словенија со португалскиот предлог ќе продолжи да посредува за изнаоѓање решение за отстранување на блокадата за почетокот на преговори. Ако не до крајот на словенечкото претседателство, барем да се има јасна перспектива како да се реши недоразбирањето со Бугарија, објасни во излагањето пред собраниските комисии за евроинтеграции амбасадорот Милан Предан, чија земја е претседавач со ЕУ. Најави тивка дипломатија за процесот да се придвижи со Договорот за добрососедство, но без да се преговара за јазик и идентитет.
„Треба политичка волја и прагматизам, од двете страни. Не можеме да ветиме чуда, но може да ветиме напорна работа, тивка дипломатија и се потпираме и на двете страни без емоции да се дојде до решение. Можеби има шанса тоа да се постигне до самитот во Брдо, кај Крањ на 6-ти октомври“, нагласи словенечкиот амбасадор, Преда.
Унијата е свесна за разочарувањето во земјава поради непочнувањето на преговори во јуни, но продолжува со поддршката и охрабрува наскоро да се дојде до одлука за отворање на поглавјата, истакна евроамбасадорот Гир.
„Европската перспектива на Северна Македонија не е изгубена, не се двоумиме, лидерите повторуваат треба заедно да работиме за да ги решаваме отворените прашања, да почнеме преговори што е побрзо“, рече евроамбасадорот Дејвид Гир.
Потребна е реафирмација на европската перспектива на регионот, а почетокот на преговори со Северна Македонија и со Албанија ќе испрати таков позитивен сигнал до земјите од Западниот Балкан, оцени шефот на дипломатијата Османи.
„Од ЕУ се бараат поискрени резултати, оти сега има знаци за назадување, паѓа довербата, ова е предизвик за земјите од Западен Балкан и за ЕУ. Се надеваме во Словенија, цел Балкан да оди напред“, нагласи министерот за надворешни, Бујар Османи.
Словенија како претседавач со ЕУ во рамките на своите приоритети ќе ги вклучи земјите од регионот за закрепнување од пандемијата, дискусијата за иднината на Европа, зелената агенда, засилено владеење на правото и поголема безбедност.
Ирина Гелевска
