Комисија за заразни болести: Засега нема потреба од нови мерки
Комисијата за заразни болести на денешната седница констатирала лесно зголемување на позитивни од тестирани за Ковид- 19 во Скопје и во Тетово, но ја оценува состојбата како стабилна и останува на досега препорачаните мерки...

Комисијата за заразни болести оцени- епидемиолошката состојба е стабилна, а во болниците нема притисок од хоспитализации. Се останува на досегашните мерки, но доколку е потребно не се исклучува нивно заострување, велат оттаму. Констатирано е дека во Тетово ширењето на вирусот е поради непочитување на препораките и протоколите при организирање семејни и друг тип веселби во затворен простор.
„Лесно зголемување на позитивни од тестираните за Ковид- 19 има во Скопје и Тетово. Министерството за здравство апелира граѓаните да се придржуваат кон препораките за заштита и спречување на ширење на вирусот Ковид- 19“, соопштуваат од ресорот здравство.
Епидемиолозите порачуваат- доволно е овие случаи да се следат и да се изолираат. Мерки не се потребни кога постојат и вакцини и други мерки. Секој треба да се води од својата свест и одговорност, вели епидемиологот Даниловски.
Дури и на најтврдокорните антиваксери треба да им биде јасно дека вакцините се повеќе од ефикасни бидејќи во 22,3 проценти вакцинирано население во светот, дури и да нема сериозни случаи на последици кај луѓето. Летово треба да се искористи за масовно вакцинирање и есента да ја дочекаме со еден солиден процент на колективен имунитет од 70 -75 проценти, додава Даниловски.
Освен можноста да се заштитиме со вакцинација, остануваат индивидуалните мерки на заштита: маската, дистанцата и личната хигиена на рацете.
Фиљана Кока
