Наредните месеци одлучувачки за проширувањето, се очекуваат конкретни чекори
Проширувањето со земјите од Западниот Балкан е тема на неформалниот состанок на министрите за европски прашања на земјите- членки на Унијата во Словенија. Ова е прв неформален министерски состанок откако Словенија го презеде претседателството со ЕУ.

Наредните месеци под словенечкото претседателство се одлучувачки за кредибилитетот на ЕУ за проширувањето на Западниот Балкан. Или ќе успееме во враќање на довербата во Унијата или повторно ќе имаме неуспех, порача вицепремиерот за европски прашања Димитров на неформалниот состанок на министрите за европски прашања на земјите- членки во Брдо кај Крањ. Земјите кандидатки за членство порачаа дека очекуваат конкретни чекори напред во евроинтеграцијата на регионот.
„Под словенечкото претседателство во наредните недели и месеци, ќе ја достигнеме критичната точка. Или ќе го обновиме кредибилитетот на Европската унија на Балканот или ќе го загубиме. Многу зависи од вештината и мудроста на нашите словенечки пријатели да успееме, а не да потфрлиме“, изјави вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров.
„Словенија покажа дека е искрен поддржувач на политиката на проширувањето со пријателите од Западниот Балкан. Мило ми е што го реафирмираа и на некој начин го вратија прашањето на проширувањето на Западниот Балкан на дневен ред на ЕУ. Очекуваме до крајот на словенечкото претседателство конкретни чекори на патот на евроинтеграцијата“, изјави Јадранка Јоксимовиќ, министер за европска интеграција на Србија.
Актуелниот претседавач со Унијата, Словенија и земјите членки од регионот повторија дека проширувањето е повторно на агендата на Европската унија.
„Ги презентиравме приоритетите на словенечкото претседателство за процесот на проширување, за владеењето на правото и иднината на Европа, и како да ја засилиме отпорноста за што ни се потребни и партнерите од Западниот Балкан“, нагласи Гаспер Довчан- државен секретар во Министерство за надворешни работи на Словенија.
„Хрватска целосно го поддржува проширувањето на ЕУ како многу важна политика. За зголемување на отпорноста на ЕУ потребно е да ги имаме на наша страна и 6-те партнери од Западниот Балкан“, додава Андреја Метелко- Згомбиќ, државен секретар за надворешни и европски прашања на Хрватска.
Словенија во октомври ќе биде домаќин на самит на ЕУ и Западниот Балкан, до кога се очекува надминување на блокадата на евроинтеграцијата на земјава.
Ирина Гелевска
