„Не е совршен, но го помина тестот на времето“- 20 години од потпишувањето на Охридскиот договор

14.08.2021 09:03

„Не е совршен, но го помина тестот на времето“ – конференција за 20 годишнината од потпишувањето на Охридскиот Рамковен договор. Учесниците велат дека треба да се надградува. Потсетија на минатото и дадоа одговор за тоа што ќе се случеше ако го немаше. На настанот не присуствуваа претставници на ВМРО-ДПМНЕ...

Охридскиот Рамковен договор беше патоказ за демократијата и почитувањето на сите заедници во државата. Се трансформиравме во општество кое создава успешна слика за државата – беше кажано од панелистите на одбележувањето на 20- годишнината од потпишувањето на договорот. Тој е образец за мир и патоказ за соживотот, рекоа панелистите кои сметаат дека решавачко за успехот во имплементацијата на Охридскиот договор беше тоа што оние кои го потпишаа немаа намера да ја фингираат неговата реализација.

Можеби не е совршен, но е уникатен, квалитетен и преставува огромно политичко достигнување- изјавија актуелни и поранешни странски дипломати кои во 2001-та имаа активно учество во разговорите. Од нив и пораката дека напредокот не смее да запре. Треба да се слушнат и помалите етнички заедници, а потребно е да се спречи корупцијата и да се зголеми довербата во институциите.

Од учеството на над 20 панелисти слушнато и размислувањето дека потребно е партиите да седнат на маса и да донесат нов договор за стабилни економски реформи со обврска за секоја влада договореното да го реализира.

 

Миле Ристески