Стапуваат на сила новите рестриктивни мерки
Според одлуката на Владата, работата на затворените делови од угостителските објекти е забранета, а за седење во отворени делови, лицата над 18 години ќе треба да имаат сертификат за најмалку една примена доза од вакцината. Граѓаните со потврда за прележан Ковид-19 може да посетуваат угостителски објекти, но само 45 дена по болеста, по што ќе мора да имаат потврда за вакцинација, како и сите други...

Од денеска е потребен сертификат за вакцинација или за прележан Ковид-19 за влез во ресторани, концерти или на спортски настани. Според одлуката на Владата, работата на затворените делови од угостителските објекти е забранета, а за седење во отворени делови, лицата над 18 години ќе треба да имаат сертификат за најмалку една примена доза од вакцината. Граѓаните со потврда за прележан Ковид-19 може да посетуваат угостителски објекти, но само 45 дена по болеста, по што ќе мора да имаат потврда за вакцинација, како и сите други.
Оваа обврска ќе важи за сите објекти кои примаат повеќе од 30 гости, а угостителите се должни да организираат надзорна служба која ќе врши контрола.
За граѓаните кои немаат потврда, или имаат лажна, паричната казна е 250 евра, за правното лице од 2.500 до 30.000 евра во зависност од големината на објектот, а за одговорното лице 1.500 евра.
Новите рестриктивни мерки се носат по зголемување на бројот на новозаразени во изминатиот период. Вчера, Министерството за здравство регистрираше нови 807 случаи од направени 6.980 тестирања. Во изминатото деноноќие починаа 10 лица од кои најмладиот пациент е на 28- годишна возраст. Најголем број нови случаи вчера беа регистрирани во Скопје – 240 по што следуваа Гостивар со 138 и Тетово со 136 нови случаи.
Министерството за здравство најави дека се размислува и за воведување дополнителни локални мерки за заштита од Ковид за што ќе се разговара денес.
Додека надлежните апелираат на масовна вакцинација за што поскоро нормализирање на состојбата, вчера во повеќе градови низ државата се одржаа протести против новите рестриктивни мерки. Според присутните, со новите мерки им се ускратува слободата на граѓаните, се кршат човековите права и се дискриминираат оние граѓани кои не сакаат да се вакцинираат.
