Владата ќе одлучува за новите ковид- мерки
Владата на денешната седница треба да одлучи дали за влез и излез од државата ќе се воведе задолжителен ПЦР тест, потврда за вакцина или сертификат за прележан Ковид...

Владата на денешната седница треба да одлучи дали за влез и излез од државата ќе се воведе задолжителен ПЦР тест, потврда за вакцина или сертификат за прележан Ковид. Овие нови мерки, како што вчера најави министерот Филипче, нема да стапат во сила веднаш.
Бројките на заразени не стивнуваат. Вчера Министерството за здравство регистрираше 296 нови ковид- случаи и осум починати лица. Активни се речиси шест илјади случаи, најмногу во Скопје, Тетово, Гостивар...
Повикувам на максимално почитување на мерките, држење дистанца, редовно водење на лична хигиена и вклучување во процесот на имунизација. Вакцините штитат од тежок тек на болеста, од смртен исход и го отежнуваат неконтролираното ширење на вирусот, нагласи вчера министерот Филипче.
Здравствените власти се задоволни од процесот на вакцинација. Сметаат дека се одвива добро, особено по најавата и воведувањето на рестриктивните мерки, но, сепак, уште еднаш порачаа дека имунизацијата е единствениот начин да се стави крај на пандемијата.
Од вчера стапија во сила и новите рестриктивни мерки според кои за влез во угостителските објекти и на организирани настани мора да се приложи сертификат за примени вакцини или потврда за прележан Ковид во изминатиот 1,5 месец.
Со новите мерки целосно се забранува и одржување настани и работа на угостителските објекти на затворено. Угостителските објекти мора да имаат редарска служба која ќе врши контрола, а се најавуваат и засилени инспекциски контроли. Според надлежните, мерките се носат за да се заштити јавното здравје и за да нема потреба од повторно воведување локдаун и целосно затворање на одредени дејности.
