Аграр

Тече огласот за закуп на државно земјоделско земјиште

17.08.2021 09:51

Тече огласот за закуп на државно земјоделско земјиште во неколку општини во земјава. Понудените површини се наменети за одгледување на долгогодишни насади, а изборот на закупувачите ќе биде по пат на бодување...

Површината за која што може еден земјоделец да достави понуда е со големина до 3 хектари во катастарските општини на Гостивар, Тетово, Кичево, Дебар, Струга, Охрид, Ресен, Демир Хисар, Гази Баба, Кисела Вода, Чаир, Карпош, Куманово и Свети Николе.

Парцелите се наменети за одгледување на долгогодишни насади, а идните корисници во зависност од културата која ќе ја одгледуваат ќе ги добијат за користење во период од 15 до 70 години.

Право на учество имаат домашни физички и правни и странски правни лица. Правните лица мораат да достават бизнис план, а физичките програма за користење на земјиштето. Почетната цена на закупот се движи од 1.900 во Дебар до 18.800 денари по хектар во Карпош.

Доколку закупецот е земјоделец не постар 40 години или земјиштето го добие трговско друштво со управител или директор на возраст до 40 години, обврската за плаќање на закупнината почнува по три години од склучувањето на договорот за закуп.

Изборот ќе се врши со бодување. Најголем број бодови, односно 65, добива месното население.

Последниот ден за поднесување пријави за учество на јавниот повик е на 4-ти септември.

Методија Трајков