Кривичен суд

Продолжи судењето за случајот „Плацеви на Водно“, обвинетите не чувствуваат вина

19.08.2021 15:16

Во Кривичниот суд продолжи процесот „Плацеви на Водно“. Сите обвинети рекоа дека не се чувствуваат виновни. Во воведен збор нивните адвокати истакнаа дека обвинението е конструкција, конфузно и нема докази со кои би се потврдила вина на обвинетите. Првообвинет во овој случај е поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство и му се суди во отсуство. Им се суди и на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, и на бизнисменот Орце Камчев како и на уште тројца обвинети. Се товарат дека незаконски купиле и прикриле имот на Водно. Шемата на купување се реализирала преку сметки на офшор компании...

Апсолутно не се чувствувам виновен и верувам дека тоа ќе го констатира и судот, изјави екс директорот на УБК Сашо Мијалков кој е еден од шестемина обвинети во случајот со незаконското купување на земјиште на Водно. Вина не чувствува ниту бизнисменот Орце Камчев, кој потврди дека го прочитал обвинението, но не разбрал за што се товари. На иста линија и останатите тројца на кои им се суди. Нивните бранители тврдат – нема докази, обвинението е конструкција.

Според обвинението, на сметката на фирмата Сирах Инженеринг во неколку наврати легнале пари на Груевски кој бил краен сопственик на земјиштето. 

Шемата на купување се реализирала преку сметки на офшор компании, тврди обвинителството, а за да се прикрие незаконската зделка, парцелата фиктивно била пренесена на Орка Холдинг. Одбраната тврди дека парите уплтени за откуп на уделите потекнуваат од тековното работење на фирмата.

Во обвинението стои дека Груевски купил и станови во зградата во која живеел, како и две парцели во Крушево. Вкупната вредност на имотот е милион и пол евра.

 

Анита Димитријевска Велковска