Мерките ги испразнија кафулињата во Куманово
Новите мерки ги испразнија угостителските објекти во Куманово. Терасите се полупразни, со десетина гости. Вработените ги проверуваат гостите дали имаат сертификат за примена најмалку една доза вакцина против Ковид-19 или документ со кој потврдуваат дека ја прележале болеста. Кумановци со поделени мислења за новите мерки...

Кафулињата, обложувалниците, поголемите маркети во Куманово се полупразни. Во овие објекти од вчера влегуваат само лица со приложен серфитикат за примена најмалку една вакцина против Ковид- 19, или доказ дека болеста е прележана пред 45 дена. Келнерите проверуваат дали гостите имаат документ, а на оние кои немаат, им се извинуваат и бараат да го напуштат објектот.
Угостителите од здружението Бисер, чекаат да завршат состаноците со угостителите на ниво на државата, па да излезат со заеднички став. Но повеќето, сметаат дека со новите мерки со кои се ограничува пристапот на посетителите, ќе имаат значајни финансиски штети.
Повеќе метеж во Куманово имаше пред бутик, кој најави попусти до 50 проценти, па кумановци поитаа да набават нова роба, отколку во кафаните. Граѓаните со поделени мислења. Повеќето посочуваат дека вакцините се единственото решение, но останатите имаат проблем со рестрикциите. Дел од нив биле вратени од угостителските објекти и маркетите бидејќи немале сертификат.
Задолжителното приложување сертификат за примена најмалку една доза вакцина, потребна за влез, значајно го зголеми процентот на вакцинација. На пунктот во Куманово дневно се вакцинираат до 1.000 лица. Со прва доза се имунизирани околу 40.000 лица. Но, расте и бројот на заболени. Капацитетите на инфективниот оддел и модуларната болница се речиси исполенети.
Елена Георгиевска
