Локални избори

Се бараат решенија за граѓаните без лична карта

19.08.2021 17:09

Поради блокираниот закон за лични карти во Собранието, се бараат решенија за граѓаните на кои им е истечена важноста на документот. Власта најави дека најверојатно ќе може да гласаат на локалните избори со постојните кои ги имаат. Од Државната изборна комисија велат – бараме законски решенија, алтернатива може да биде изјаснување со патна исправа...

Претседателот на ДИК, Александар Даштевски по седница на Комисијата посочи дека доколку на граѓаните им е истечена важноста на личната карта, а не посдедуваат пасош, тогаш мора да се преземат дополнителни активности за изнаоѓање други решенија. Државната изборна комисија ќе направи сѐ за да се изнајдат законски решенија за граѓаните со неважечки лични карти, кои не се во можност да добијат нови поради блокираниот закон, за да можат да гласаат.

Претседателот на Владата, Заев, пак истакна дека за да се заокружи правото на граѓаните да гласаат ќе се изнајде решение. Доколку не се донесе законот, Владата размислува за друга опција, да се попишува и гласа на изборите со потврда за истечена лична карта.

Законот за личните карти е блокиран со амандмани од Левица, иако политичката партија БЕСА беше доволно флексибилна да поднесе амандман за почеток на дејстиве од 2023-та година за етничката определба на граѓаните во личните карти, очекувајќи Европа да се изјасни по ова прашање. Имајќи предвид дека вака е заглавено ова решение, првата можност е со работа на Парламентот од 1-ви септември да се донесе законот и да се издадат тие лични карти, посочи Заев.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ за проблемот со издавањето на личните карти за граѓаните кои не можат да си остварат своите граѓански права, ја обвини владата на СДСМ и ДУИ. Според него нема друг начин за надминување на овој проблем, освен да се порази оваа ненародна власт.

Пратениците се на одмор, а илјадници граѓани се заглавени во меѓупартиските законски блокади поради кои не може да ги реализираат своите потреби. 41.100 е официјалниот број на поднесени барања за издавање нова лична карта поради истечен рок. Законот е блокиран од опозицијата со повеќе од 1.500 амандмани, а најголемиот дел, 1.200 се поднесени од Левица.

 

Игор Панов