Земјоделство

Понуда за закуп на земјоделско земјиште до три хектари

20.08.2021 09:36

Во уште седум општини, односно во Берово, Пехчево, Валандово, Гевгелија, Струмица, Прилеп и во Штип, тече огласот за закуп на државно земјоделско земјиште. Понудените површини се наменети за одгледување на долгогодишни насади, а изборот на закупувачите ќе биде по пат на бодување.

Површината за која што може еден земјоделец да достави понуда е со големина до три хектари во катастарските општини на Берово, Пехчево, Валандово, Гевгелија, Струмица, Прилеп и во Штип.

Парцелите се наменети за одгледување на долгогодишни насади, а идните корисници во зависност од културата која ќе ја одгледуваат ќе ги добијат за користење во период од 15 до 70 години.

Право на учество имаат домашни физички и правни и странски правни лица. Правните лица мораат да достават бизнис план, а физичките програма за користење на земјиштето. Почетната цена на закупот се движи од 3.100 во Пехчево до 5.400 денари по хектар во Гевгелија.

Доколку закупецот е физичко лице е на возраст до 40 години или земјиштето го добие трговско друштво со управител или извршен директор на возраст до 40 години, обврската за плаќање на закупнината почнува по три години од склучувањето на договорот за закуп.

Изборот ќе се врши со бодување. Најголем број бодови, односно 65, добива месното население.

Последниот ден за поднесување пријави за учество на јавниот повик е 30 дена од неговото објавување на 4-ти август.

Методија Трајков