Полиција

ЕБР 20 години активно се справува со сите безбедносни ризици

23.08.2021 14:06

Во полицискиот центар во Ѓорче Петров, свеченост за 20-годишнината од формирањето на единицата за брзо распоредување. Припадниците се познати во врвната професионалност, а нивното мото е секогаш- секаде. Македонската полиција ужива углед не само дома, туку и како респектабилен партнер.

Полицијата е клучниот системско-институционален инструмент за остварување на целите на безбедноста, а Единицата за брзо распоредување активно се справува со сите безбедносни ризици - рече командантот на ЕБР, Вице Столески. Истакна дека единицата е подготвена да интервенира кога ќе се појават првите предупредувачки знаци на претстојната закана со цел да се спречи конфликт во рана фаза.

Во двецениското постоење оваа полициска формација учествувала во антитерористички акции, враќање на јавниот ред и мир нарушен во масовни демонстрации, асистирала на државните институции и обезбедувала ВИП личности кои се под закана. Припадниците на ЕБР ја штитеа јужната граница во налетот на мигрантската криза и заедно со локалното население помагаа во гаснењето на пожарите ова лето.

На 20 годишнината од формирањето на ЕБР се доделија јубилејни плакети за надобриот припадник на единицата за минатата година и за исклучителни резултати во работењето. Отворена и спомен соба -  сведоштво за сите успеси на единицата.

 

Анита Димитријевска Велковска