Македонија

Издадени првите лични карти со новото уставно име

23.08.2021 14:49

Издадени првите 400- тини лични карти со новото уставно име. Први ќе ги добијат оние кои се фотографирале од 5-ти до 7-ми јули во Скопје, информираат од МВР. Етапно ќе продолжи процесот на издавање...

Издадени првите 400- тини лични карти со новото уставно име. Први ќе ги добијат оние кои се фотографирале од 5-ти до 7-ми јули во Скопје, информираат од МВР. Етапно ќе продолжи процесот на издавање со кој ќе бидат опфатени над 40.000 граѓани кои два месеци останаа без документ за лична идентификација. МВР преку СМС ќе ги известува за местото и времето на подигнување на документот. Имаше и такви кои дојдоа пред шалтерите, а сѐ уште не им е издадена личната карта.

Процесот на издавање и печатење на лични карти беше стопиран поради блокирање на законот во Собранието од партијата Левица со над 1.000 амандмани. Проблемот се надмина откако владата донесе подзаконски акт за усогласување на законот за лични карти со законот за употреба на јазиците со кој се овозможи да продолжи процесот. Премиерот Заев објасни дека два месеци сите правни и стручни служби работеле за да се најде креативно решение.

Граѓаните кои имаат неважечки документ за лична идентификација, ќе може да подигнат пари од банките или да вршат други трансакции со пасош или со потврда од МВР за поднесено барање за лична карта.

Старите лични карти на кои е испишано името Република Македонија, а не се со истечен рок, ќе важат до 12-ти февруари 2024-та година.

Викторија Милевска