„Вакцинирај се“: Владата со кампања повикува на масовна имунизација
„Вакцинирај се“- владата со кампања за масовна имунизација. Пред нас е тежок период, предупреди премиерот Заев. Вакцината е безбедна и ефикасна, а граѓаните немаат компликации. Протестот против вакцинирањето е уставно право, но исто така и здравјето, порака од шефот на Владата. Се соочуваме со силен бран, а болниците се полнат, рече Филипче. Единствен излез од кризата е масовната вакцинација, истакна Филипче...

„Вакцинирај се“- владата со засилена кампања за подигање на свеста кај граѓаните за важноста на имунизацијата. Вакцините се безбедни и ефикасни, а најголем број од смртните случаи и хоспитализации се меѓу невакцинираните, вели премиерот Заев. Четвртиот бран на делта сојот е во замав. Премиерот повика на масовна вакцинација, за како што потенцира, да можат децата да тргнат на училиште, да се вратат артистите на сцените, да заживее економијата, да почнеме пак нормално да живееме.
Најголем број од хоспитализираните се без примена вакцина, а кај оние со две дози има лесна клиничка слика, вели Филипче. Болниците се полнат, но медицинскиот кадар е организиран. Министерот за здравство појасни дека се анализираат епидемиолошките мерки. Смета дека тие треба да продолжат и понатаму, сѐ додека не се постигне колективниот имунитет. Апел до младите да се вакцинираат, бидејќи анализите велат дека делта сојот се повеќе ја напаѓаа оваа популација.
Досега во земјава се аплицирани над еден милион вакцини, а околу 60 насто од населението примиле барем една доза.
Вакцинирани се 660.000 граѓани од кои нешто повеќе од 500.000 се ревакцинирани. Ако продолжи овој интензитет на имунизација, до средината на октомври може да постигнеме колективен имунитет и да стигнеме до милион вакцинирани, вели Филипче.
Александра Спировска
