Народна банка: Финансискиот сектор добро се справува со ризиците од корона-кризата
Домашниот финансиски сектор во целина досега добро се справува со ризиците од пандемијата и е подготвен да одговори на предизвиците и во следниот период. Постепеното закрепнувањето на економијата, коешто е во тек, позитивно придонесува за стабилноста и ги ублажува системските ризици...

Домашниот финансиски сектор во целина досега добро се справува со ризиците од пандемијата и е подготвен да одговори на предизвиците и во следниот период. Постепеното закрепнувањето на економијата, коешто е во тек, позитивно придонесува за стабилноста и ги ублажува системските ризици. Спак, неизвесноста и натаму е присутна, затоа е важно финансиските институции да продолжат да се однесуваат со внимание и да одржуваат соодветни нивоа на капитализираност и ликвидност.
Ова се дел од заклучоците во Извештајот за финансиска стабилност во Република Северна Македонија за 2020 година, којшто вчера беше усвоен од страна на Советот на Народната банка, на редовна седница.
Како што е констатирано во Извештајот, и покрај изразените влијанија на пандемијата, ризиците поврзани со секторот „домаќинства“ останаа во контролирани рамки, за што придонес имаа мерките за ублажување на ефектите врз пазарот на трудот и зачувување на расположливиот доход на домаќинствата.
Задолженостa на корпоративниот сектор умерено се зголеми во 2021 година, но таа и понатаму останува во умерени рамки и под прагот на ранливост, кој е утврден согласно со пристапот на Европската комисија. Сепак, потребна е внимателност поради продолженото времетраење на пандемијата коешто може да се одрази врз влошување на финансиските остварувања на секторот.
