Локални избори

Тактизирање со кандидати, интерес на независните

27.08.2021 14:52

На 30-ти август на полноќ, истекува рокот за собирање потписи на независните кандидати за градоначалници и советнички листи. Според Државната изборна комисија, 32 независни кандидати за градоначалници во повеќе општини и советнички листи собрале потписи, а уште 33 собираат. Интересот разбирливо најголем за Скопје. Социјадемократите го номинираа актуелниот градоначалник Петре Шилегов, ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште тактизира...

На неполни три дена до завршувањето на постапката за собирање потписи за независна кандидатура, веќе е извесно дека во главниот град граѓанска номинација ќе поднесат Данела Арсовска, актуелна претседателка на Сојузот на стопански комори, Петар Георгиевски кој e подржан од Левица и Ана Петровска предложена од еко- иницијативата „Скопје зелен град“. Своја кандидатура за Скопје навестува и поранешниот пратеник Љубомир Јосифовски. Владејачката СДСМ го потврди актелниот градоначалник Петре Шилегов кој ќе се трка за уште еден мандат за прв човек на Скопје.

А, сегашниот градоначалник на Куманово Максим Димитриевски, поради тоа што матична партија му ја откажа поддршката, се реши да собира потписи како независен кандидат. Најави и своја листа на советници.

Во СДСМ во писменото соопштение велат дека партијата ќе ја даде најдобрата понуда за кумановци, а името на кандидатот и советничката листа ќе бидат објавени наскоро.

„Потегот на Димитриевски го олеснува изборот на граѓаните. Тој што им врти грб на поддржувачите на демократската и прогресивната опција, на членството и базата на партијата, не може да биде најдобра опција за кумановци“, стои во соопштението на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека сѐ уште траат процедурите за утврдување и на другите кандидати за поголемите општини. Досега опозицијата предложи 45 кандидати, меѓу кои за Охрид, Прилеп, и за скопските општини Кисела Вода, Гази Баба, Бутел, Ѓорче Петров. Продолжуваат и консулатациите за евентуална предизборна соработка во првиот круг и со албанските опозициски партии.

Партиите кандидатски листи за советници и градоначалници можат да ги достава најдоцна на 11-ти септември на полноќ. Изборната кампања стартува на 27-ми септември.

Игор Панов