Аграр

Дождовите не ја подобрија состојбата во земјоделството

30.08.2021 10:22

Малите количества што наврнаа беа недоволни за да ја надоместат загубата на влага во почвата од долготрајната летна суша. Голем недостиг на вода има во сите региони, а онаму каде што нема наводнивање родот е веќе изгубен...

Дождовите во текот на изминативе денови со по неколку степени пониски температури на воздухот воопшто не ја сменија состојбата со долготрајната суша во земјоделското производство.

Големиот недостиг на вода во почвата се чувствува насекаде, а повремените врнежи воопшто не помогнаа заради малите количества и локалниот карактер.

Загрозени остануваат сите земјоделски култури. Како долгогодишните насади,  виновата лоза и овошките, така и сите останати едногодишни, пролетни, градинарски и индустриски, кај кои што нема услови за наводнување.

Токму кај нив штетите ќе бидат и најголеми, односно ќе има намалени приноси, а на некои места и изгубен род.

Според прогнозите слични временски услови ќе се задржат и во текот на оваа седмица со поумерени температури до најмногу 34 степени на југот или околу 30 во останатите делови од земјава со услови за повремена облачност.

Препораката на агрометеоролозите до земјоделците останува и во наредниот период.  Да ги искористат сите можни капацитети за наводнување, за да може да спасат што поголем дел од производството.

Методија Трајков