Ковид-19

Пановски: Наставата со физичко присуство е експеримент, но образованието е поважно од свадбите

30.08.2021 10:49

Во среда старт на новата учебна година со физичко присуство, но нејаснотии сѐ уште има кај дел од директорите на скопските средни училишта за протоколите. Најавена е и средба со министерката за образование Царовска. Според микробиологот Пановски, наставата со физичко присуство е шведски експеримент...

Мерење температура на влез во училиште која не треба да биде повисока од 37, 4, дeзинфицирање пред настава, за време на одмор и потoa, задолжително носење маски, но не и за време на голем одмор, забранет влез во училишетето за лица кои не се вработени. Не треба да се поздравуваат и меѓусебно да си споделуваат моливи, гуми, книги. Во спортска сала и библиотека истовремено присуство можат да бидат присутни ученици само од една паралелка, а во тоалет ќе се оди само за време на наставните часови организирано со помал број на ученици.

Со почетокот на учебната година и враќање на учениците во училишните клупи се очекува и зголемување на бројот на заразени, вели микробиологот Пановски. Според него ова е експеримент, но сепак смета дека училиштата мораше да се отворат бидејќи образованието е поважно од свадбите и прославите во затворен простор кои беа дозволени. И јавниот превоз е ризичниот фактор и смета дека најдобро ќе беше да бидат поделени учениците во групи, особено средните училишта. Доволно е едно дете да биде позитивно за целиот клас да оди во изолација, вели Пановски.

„Тоа не е никаков проблем едно дете да биде позитивно. И сега да ги изброите на 35 деца надвор што играат, некои од нив да ги тестираме, сигурно ќе најдеме неколку позитивни. Ако е стратегија да децата се заразат и добијат природен имунитет тоа е друга работа, како што е во Шведска каде што не одат во изолација и не носат маски, туку детето кога ќе се разболе си останува дома. Меѓутоа кај нас мислам дека не е тоа, а и не може да биде во прво време бидејќи имаме доволен број на ризични родители и баби и дедовци коишто не се вакцинирани, па децата може да им ја донесат дома болеста“, смета микробиологот, Никола Пановски.

По Тетово и Гостивар, и општината Маврово- Ростуше побара онлајн настава во сите основни и средни училишта за првиот месец од почетокот на учебната година. На територијата на општината има над 500 активни случаи, состојбата е вон контрола, оцени Кризниот штаб на општината.

 

Ана Јосифоска Тодоровска