Политика

ВМРО-ДПМНЕ објави уште десет кандидати за градоначалници, меѓу нив и Јанчев за Кавадарци

30.08.2021 14:07

ВМРО-ДПМНЕ обелодени нови десет кандидати за градоначалници. За Кавадарци фаворит актуелниот Митко Јанчев. Поддршката за Данела Арсовска за градоначалник е потврда дека на Христијан Мицкоски му е јасно оти го чека пораз во Скопје, тврдат Социјалдемократите...

Нови 10 кандидати за градоначалници објави опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но покрај, правниците, инженерите и професорите, најмногу внимание привлече повторното кандидирање од актуелниот градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев, со кого партијата во минатото имаше различни мислења, а беше разрешен и од потпретседателската фунција.

Како и да ги пакува партиските кандидати, Мицкоски не може да ја избегне казната што граѓаните ќе му ја испорачаат, бидејќи упорно ги потценува и се обидува да ги излаже со веќе видени трикови- реагираат од СДСМ. Сметаат дека со поддршката на Арсовска во опозициската партија им е јасно оти ги губат локалните избори.

Левица, пак, која го поддржува Петар Георгиевски како независен кандидат за градоначалник, обелодени дека на изборите одат со 10-тина сопствени кандидати и 40-тина советнички листи. За нив во предвид доаѓа само пост- изборна коалиција.

Уште официјално непочната, се добива впечаток дека кампањата е веќе во полн тек, а со тоа и обвинувањата меѓу кандидатите за градоначалници, но особено тоа е изразено меѓу партиите.

Миле Ристески