Безбедност

Се очекува мигрантски бран од Авганистан

30.08.2021 14:35

Можеби не за еден месец, но за нешто подолг период е отворена можноста за доаѓање на мигранти од Авганистан на нашите граници. Ова во Охрид го рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска при што посочи дека наместо на лицата кои што очекуваме организирано да допатуваат од Авганистан во нашата земја, безбедносниот фокус треба да го насочиме кон зголемување на контролите и ефикасноста на македонските граници поради најавите за можен мигрантски бран од таа држава...

Најголемиот дел од лицата кои што очекуваме од Авганистан да допатуваат во нашата земја се луѓе кои што им помагале на НАТО-сојузниците, на нашите војници и офицери при превозот, безбедносните или политичките проценки за остварување на целите на алијансата. Единствениот канал по кој што нашата држава ќе дозволува да доаѓаат е во соработка со нашиот стратешки партнер САД, што значи дека тие поминале тежок процес на безбедносна проверка. Ова во Охрид го рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска при што нагласи дека нашиот безбедносен фокус сега треба да биде насочен кон зголемувањето на притисокот од идни мигранти во наредниот период.

„Се разбира дека голем притисок повторно ќе се чуствува во Турција, Бугарија, Грција, но сме виделе што се случува кога притисокот на мигранти е голем. Тоа нема да се случи преку ноќ бидеќи состојбите во Авганистан се менуваат од ден во ден, но како сериозна и одговорна држава ние веќе се подготвуваме за зголемување на притисокот на нашите граници и тоа за нас треба да биде поголем безбедносен проблем“, изјави министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

Треба да покажеме хуманост , а не да се создава одбивност со лажни вести кон лицата кои треба да допатуваат од Авганистан, велат експертите.

„Дали ќе се содаде поголем отпор зависи од тоа колку ние ќе успееме да се справиме со лажните вести и колку ние ќе успееме да ја кажеме правата вистина за тоа што се случува во Авганистан, во регионот и пошироко“, вели Ризван Сулејмани- Институт за политички и мултикултурни студии.

„Тие луѓе се сите проверени. Тоа не е настан од еден ден, два дена, тие не се мигранти туку се би рекол повеќе политички азиланти. Луѓе кои што избегале од стравовите на војната и мислам дека е многу коректно со нив да се однесуваме на еден хуман однос“, изјави проф. д-р Нано Ружин.

И доколку се случи мигрантска криза по настаните во Авганистан експертите сметаат дека таа нема да биде со такви размери како онаа по граѓанската војна во Сирија.

Сашо Нелоски