Ковид-19

Пополнет капацитетот на модуларната болница во Штип

30.08.2021 14:59

Расте бројот на заразени во источниот регион, расте и бројот на пациенти на болничко лекување. Најголем процент од заболените се над 60 години, но во последните две седмици зголемен е бројот на заболени на возраст од 20 до 39 години. Во болницата во Штип во последното деноноќие починале пет лица. Надлежните планираат реактивирање на модуларната болница во Кочани...

Новиот бран на корона пандемијата сериозно го зафаќа истокот. Во моментот во Штип активни се 186 случаи, како последица на коронавирусот починаа четворица штипјани, тројца не биле вакцинирани, а еден од починатите бил имунизиран со две дози, но имал коморбидитети. Мал е бројот на вакцинирани и кај заболените , информираат од Центарот за јавно здравје – Штип. Модуларната болница која во јули беше празна, сега е скоро целосно исполнета со пациенти од регионот.

Деновиве е најавено повторно активирање на модуларната болница во Кочани, со капацитет од 30 болнички легла. Но, проблемот таму е што нема инфектолози и лекарскиот тим од кочанската болница е во постојана комуникација со инфектолозите од Штип.

Според податоците од Центарот за јавно здравје, најголем дел од 5.200 заболените во Штип од почетокот на пандемијата се лица над 60 годишна возраст, но во последните две седмици зголемен е бројот пациенти на возраст од 20 до 39 години.

За разлика од претходниот силен бран во Штип, кога кластерите главно беа во текстилните компании, во новиот бран евидентиран е по еден случај на заразено лица во три конфекции, а трансмисијата била од семејни контакти.

Славица Величковска