Образование

Со маски и строги протоколи учениците се враќаат во клупите

30.08.2021 15:28

В среда старт на новата учебна година со физичко присуство на учениците. Нема одлагање на наставата, за моделот решава Комисијата за заразни болести, категорична Царовска. Протоколите подготвени, училиштата ги прават последните подготвки...

Мерење температура, дезинфекција на раце, а потоа на час со маски на лице. Под строго утврдени протоколи ќе стартува уште една учебна година во пандемија. Училиштата ги прават последните подготвки за да одржат настава со физичко присуство. Велат, се преземаат сите потребни мерки за заштита од Ковид- 19. На првиот час, едукација за учениците како да одржуваат дистанца, хигиена и да се однесуваат одговорно во училиштето.

Дел од протоколите предвидуваат и наставата во училница да се изведува со физичко растојание, а се забранува поздравување со физички контакт за вработените во училиштето и меѓу учениците. Влез во училиштето е дозволено само со заштитни маски. Наставниците се подготвени. Радосни што повторно ќе се врати џагорот во училниците.

Освен во Тетово и Гостивар, наставата ќе се спроведува со физичко присуство, потврди министерката Царовска која денес на состанок со директорите на средните училишта ќе ги договараат деталите за спроведувањето на наставата.

Додека основните училишта веќе имаат искуство со спроведување на наставата под протоколи, директорите на средните сѐ уште се координираат. Година и половина средношколците учеа од дома, а единствено беше дозволено да се полага државната матура и тоа под строги протоколи.

Од први септември почнува и спроведувањето на новата концепција во прво и четврто одделение.

 

Викторија Милевска