Досега 21 независен кандидат за градоначалник ги собрале потребните потписи, уште 15 имаат рок до полноќ
Рокот за доставување независни советнички листи и за градоначалници истекува вечер на полноќ. Досега 21 кандидат собрале потписи, а уште 15 се во постапка. Пристигнале номинации од 42 советнички листи, додека уште 26 се очекува да ги обезбедат потребните потписи во повеќе општини. До крајот на неделава пристигнуваат првите фингерпринт апарати...

Засега се собрани потребните потписи за 21 независен кандидат за градоначалник за локалните избори во октомври, а во тек е за за уште 15 листи. Крајниот рок истекува на полноќ, информираат од Државната изборна комисија. Убедливо најголем интерес за независни кандидати во општините има во Чучер Сандево, дури три се потврдени, се чека дали уште еден независен кандидат ќе успее да ги исполни условите.
За Град Скопје за градоначалник, независна кандидатура има поднесено Ана Петровска, поддржана од Коалицијата Зелен хуман град, и актуелната претседателка на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска, по подршката на опозициските партии предводени од ВМРО-ДПМНЕ. Досега владејачката СДСМ го потврди Петре Шилегов, актуелниот градоначачлник, претендент за нов мандат.
Во ДИК ги очекуваат апаратите за отпечаток, германските стручњаци ќе спроведат и обука во изборните тела.
Во тек е јавниот увид во Избирачкиот список што ќе трае до 9-ти септември, додека кандидатурата за градоначалници и советници треба да се поднесе до 11-ти септември. Кампањата за седмите локални избори во земјава почнува на 27-ми септември.
Игор Панов
