Скопје

Пристигнаа 149 авганистански граѓани, Османи вели- на дело ја демонстрираме нашата солидарсност

31.08.2021 09:32

На аеродромот во Скопје пристигна првата група со 149 бегалци од Авганистан. Ќе имаат статус на лица со привремен престој, а потоа треба да заминат во САД или на друга безбедна дестинација. Велиме добредојде на граѓни кои се спасуваат од налетот на радикализмот, посочуваат од Владата. Земјава вкупно треба да прифати 750 беглаци од Авганистан...

Преку Тбилиси, Грузија на Меѓународниот аеродром во Скопје синоќа пристигнаа првите 149 граѓани на Авганистан што ќе бидат прифатени во земјава. Веднаш по слетувањето жена во 39-та недела од бременост, нејзиниот сопруг и дете со возило на итната помош беа однесени на гинеколошката клиника во Скопје.

Со друго возило беше спроведено и лице за кое најверојатно станува збор за колапс. На сите им беше направен лекарски преглед и ПЦР тест. Тие што сакаат може да бидат и вакцинирани.

„Пристигна првата група 149 граѓани на Авганистан, за кои државата изрази подготвеност да им биде привремено живеалиште и прибежиште. Тоа се семејства, претежно жени и деца, кои биле вработени или биле соработници во меѓународните организации, наши сојузници изминативе 20 години таму. За жал, не по нивна волја, на овие луѓе денес, но и на нивните семејства им е загрозена безбедноста, загрозени им се нивните животи, и затоа ние одлучивме да им помогнеме“, изајви министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

На граѓаните од Авганистан, кои имаат статус на лица со привремен престој им се издава виза за привремен престој од 90 дена. Потоа треба да заминат на друга безбедна дестинација или во САД. Трошоците за нивен престој ќе ги покријат САД и меѓународните организации.