Привршува рокот поднесување понуди за закуп на државно земјоделско земјиште
Привршува рокот за поднесување на понуди за четирите огласи за закуп на државно земјоделско земјиште. Понудените површини се со големина до 3 хектари и се наменети за одгледување на долгогодишни насади. Изборот на закупувачите ќе биде по пат на бодување.

Површината за која еден земјоделец може да достави понуда е со големина до 3 хектари во 42 катастарски општини во државава.
Парцелите се наменети за одгледување на долгогодишни насади, а идните корисници во зависност од културата која ќе ја одгледуваат ќе ги добијат за користење во период од 15 до 70 години.
Право на учество имаат домашни физички и правни и странски правни лица. Правните лица мораат да достават бизнис план, а физичките програма за користење на земјиштето. Најнискиот износ на годишната закупнина по хектар е во висина на просечната постигната во регионот во последните три години.
Доколку закупецот е физичко лице на возраст до 40 години или земјиштето го добие трговско друштво со управител или извршен директор на возраст до 40 години, обврската за плаќање на закупнината почнува по три години од склучувањето на договорот.
Изборот ќе се врши со бодување. Најголем број бодови, односно 65, добива месното население.
Последниот ден за поднесување пријави за учество на јавниот повик е 30 дена од неговото објавување на 4 август.
Методија Трајков
