Ковид-19

Зголемен интересот за вакцинација кај помладите во Куманово

31.08.2021 15:35

Новите мерки го зголемија интересот за вакцинација кај помладите. На единствениот пункт во Куманово досега се имунизирани 544 лица до 18 години. Најмладиот пациент има 12 години. Вкупно во оваа општина се вакцинирани над 40.000 лица од североистокот. Теренската вакцинација е завршена.

Новите мерки значајно ја подобрија вакцинацијата, интересот е зголемен, информираат од Здравствениот дом Куманово. Над 40.000 лица од североистокот досега се вакцинирани со прва доза. Најмладиот пациент кој се вакцинирал има 12, а највозрасниот 106 години. Зголемен е интересот и кај помладите, до 18 години, па досега вкупно се вакцинирани 544 лица.

„На дневно ниво вакцинираме близу до 1.000 граѓани, моментално на нашиот пункт располагаме со Синовак и Астра Зенека за лицата над 60 години а се врши и ревакцинација со Фајзер, Астра Зенека и Синовак. Има граѓани кои имаат одредена желба за некоја вакцина, но сега со она што располагаме им е опција“, вели Монализа Мемети, докторка Здравствен дом Куманово.

Единствениот пункт во Куманово периодов работи во една смена. Но кумановци за македонската телевизија велат дека се задоволни од процесот на имунизација, нема метеж, ниту подолго чекање.

„Примив кинеска Синовак прва доза, јас имав и прележано, процесот е  одлично, организирано е добро, не чекав 5 или 10 минути“- вели еден кумановец.

„Примив Фајзер втора доза, нема метеж, нема чекање“- дополнува друг.

„Нема чекање се си оди по ред, и така треба да продолжи народот треба да се вакцинира“- нагласува повозрасна кумановка.

Теренската вакцинација во кумановско е завршена. Беа опфатени 38 села, а аплицирани над 2.000 вакцини. Интерес има и за вакцинирање во домашни услови за стари и немоќни лица. Деновиве ќе започне и имунизацијата на реонските попишувачи.

 

Елена Георгиевска