Во болницата во Штип може да се лекуваат 110 ковид- пациенти

01.09.2021 13:51

Освен за пациентите во модуларната болница во Штип, централен довод на кислород од денес има и за Инфективното одделение чија реконструкција е при крај. Во моментот во штипската болница има 50 пациенти, тројца се на возраст од 30 години. Околу 80 проценти од пациентите и починатите не се имунизирани.

Во завршна фаза е реконструкцијата на Инфективното одделение во Клиничката болница во Штип. Од денес освен во модуларната болница, ковид- пациенти од источниот регион ќе може да се лекуваат и на овој оддел, кој исто како и модуларната болница, има централен довод на кислород.

Според последниот извештај во штипската болница хоспитализирани се 50 ковид- пациенти од кои 36 се на кислородна поддршка. Во изминатото деноноќие две лица ја изгубија битката со вирусот.

Модуларната болница во Кочани сѐ уште не е ставена во функција, неколкуте ковид пациенти таму се лекуваат на инфективниот оддел.

Славица Величковска